SOCIAL MEDIA

БлогМас ден 10: Мистериозниот случај во Стајлс

December 10, 2021

 

Драги мои, добредојдовте во БлогМас ден 10. За денешниот и утрешниот БлогМас пост ви спремив нешто посебно.

Не знам дали повеќето знаете, но еве ќе споделам тука со сите вас и ќе откријам дека сум мега обожавател на писателката Агата Кристи - Кралицата на крими романите и секако омилен лик од нејзините дела ми е симпатичниот, заоблен, низок и мустаќест Белгиски детектив Херкул Поаро.

Низ годините имам прочитано разни Херкул Поаро романи и секој ме оставал подеднакво без здив!

Па така, решив како еден вљубеник во нејзиниот Херкул Поаро серијал на книги да напишам два блог поста со кои ќе и одадам еден вид homage на мојата омилена писателка.



Во овој блог пост накратко ќе ви насликам една слика за тоа што треба да очекувате доколку се решите да го прочитате првиот крими роман на Агата Кристи: "Мистериозниот случај во Стајлс".

Како што напоменав, "Мистериозниот случај во Стајлс" од Агата Кристи е првиот роман во кој се среќаваме со ликот на Херкул Поаро. Оваа книга е напишана пред скоро 101 години и до ден денес се уште одново се чита и препрочитува низ светот и продолжува да ја фасцинира својата читателска публика. 

Дејството на овој роман се одвива во Англија за време на Првата светска војна на имотот Стајлс Корт, каде што живеат повеќе членови од семејството на Емили Инглторп. Таа го има наследено имотот од нејзиниот прв сопруг, покојниот господин Кавендиш.

Едно утро Емили ја наоѓаат мртва, со голема веројатност дека била отруена, што само по себе веднаш станува мистерија. Се работи за очигледно убиство, но со оглед на тоа што нејзината соба е заклучена однатре, не се знае кој успеал да го стори злосторството.

Морам да признаам дека на прв поглед се сомневав во сите ликови!

За Херкул Поаро мотивот за убиството на Емили Инглторп е нејзиното богатство, а осомничени се речиси сите од фамилијата: нејзиниот млад сопруг Алфред Инглторп, посиноците Џон и Лоренс Кавендиш, како и Мери, сопругата на Џон, Синтија, штитеничката на Емили, и Евелин, нејзината верна придружничка.




Класичниот англиски јазик на кој е напишан овој мистериозен роман го обожавам и навистина ме фасцинирал одсекогаш тој период во кој се одвива дејството во оваа книга.

Навистина уживав додека го читав овој роман. Воопшто не очекував дека убиецот ќе биде тој кој се испостави и многу ми се допадна како додека траеше решавањето на случајот Херкул му намнисуваше, односно индицираше на својот пријател Хејстингс, трудејќи се да му помогне да дојде до истиот заклучок на крајот.


И давам оценка 10/10 на оваа книга како што и со право заслужува да добие од мене.


Книгата е преведена и на македонски јазик и можете да ја најдете во сите Литература продавници низ Скопје и во Битола.

Во утрешниот БлогМас ден 11 ќе ви зборувам за уште едно прекрасно дело на Кристи: "Убиство во Ориент Експрес". 

Доколку и вие сте љубител на Кристи и нејзиниот Поаро, оставете коментар подолу 😊



Се читаме утре драги мои.


Поздрав,

Лори

Post a Comment