SOCIAL MEDIA

БлогМас ден 25: "Емили во Париз" сезона 2

December 25, 2021

 

Драги мои, добредојдовте во последниот ден од БлогМас!

Сеуште не ми се верува дека ова е крајот на нашата предновогодишна дружба.

Пред да почнам со пишување на објавата за денес би сакала да ви се заблагодарам за огромната поддршка која ја добив за овогодинешниот БлогМас предизвик од сите вас.

Не можам да ви опишам колку многу ми значи што ги читавте моите објави и што постојано ги споделувавте и ми кажувавте колку многу ви се допаѓаат и колку многу уживате во мојот стил на пишување.

Уште еднаш ВИ БЛАГОДАРАМ за се и ви посакувам Среќни Новогодишни и Божиќни празници!

🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄



Штотуку ја завршив целосно втората сезона од мега популарната серија на Нетфликс - "Емили во Париз" па решив за крај на овој БлогМас да споделам што мислам за неа.

Во првата сезона на "Емили во Париз" гледавме како Емили се приспособува на францускиот начин на живот во Париз, од говорењето многу слаб француски, па се до помирувањето со необичниот пристап на работа во луксузната маркетинг агенција Савоар. 

Последните сцени од сезоната ни прикажаа како Емили конечно завршува со младиот и успешен chef  Габриел, откако тој и кажува на Емили дека раскинал со својата девојка Камил и дека заминува назад во Нормандија каде планира да го оствари својот сон и да отвори свој ресторан.

Но, во меѓувреме Емили веќе разви мала романса настрана и со Матиу Кадо, наследникот на луксузниот бренд Пиер Кадо, кој ја поканува Емили на романтичен викенд во Сан Тропе.



Втората сезона малку ја забрзува приказната, но не ја променува премногу.

Се уште можеме да видиме нијанси на трапавоста на Емили во однос на последиците од нејзините постапки, посебно во однос на нејзиното жалење за ноќта помината со Габриел.

Таа е решена да ги поправи работите помеѓу неговата, сега веќе поранешна девојка и добра пријателка на Емили - Камил. Оваа мисија уште од првата епизода има неколку дупки во планот, но сепак Емили прави се за овој нејзин план да успее.



Додека во првата сезона имавме прилика да го гледаме во прв ред турбулентниот работен однос помеѓу Силви и Емили, втората сезона ни прикажува дека овие две жени имаат многу повеќе разбирање една за друга. 

Додека цинизмот на Силви ја мотивира Емили да работи понапорно од кога било, со емпатијата и љубезноста на Емили, Силви пак станува малку поотворена. Оваа синергија која се раѓа меѓу двете бизнис жени е право задоволство да се гледа и е нешто во кое може да се пронајде секој кој има/л колега со кој не стои на иста бранова должина.

Сепак, едно од најголемите задоволства да се гледа во оваа сезона е како Емили конечно се препушта на учењето на францускиот јазик и почнува многу посериозно да ги сфаќа приватните часови по француски јазик на кои присуствува по завршување на нејзиниот работен ден.



Секако, за да биде се уште поинтересно, таа дури и стекнува пријател на часовите по француски јазик, а тоа е британскиот банкар Алфи, со кој по неколку епизоди пријателство испишува уште една љубовна романса и продолжува да се држи до својот план да биде подалеку од Габриел.

Секогаш директниот Алфи го оспорува нереалниот романтизам на Емили за Градот на светлината и и зборува за тоа како репутацијата на Париз е права фасада, чад и огледала, што продава нешто што не е реално.

Морам да признаам дека ликот на Алфи многу ми се допадна и беше совршен додаток во оваа сезона кој ја разниша Емили и ја натера да биде поопуштена и спонтана, а не само фокусирана на својата работа.

Во оваа сезона како и во првата работите ретко остануваат мирни и стабилни кога станува збор за Емили.



Фактот што брендот за шампањ на семејството на Камил, "Шампер", сега веќе соработува со Савоар, прави личните неволји на Емили да се прелеат и во нејзиниот работен живот, предизвикувајќи уште поголем хаос и на двете полиња.

Омилена ми беше референцата што Силви и ја упатува на Емили уште во првата епизода со која и се исмева на целиот хаос кој постојано продолжува да ја следи Емили и таа гласи вака: 

„О Емили, од ден на ден стануваш се поголема Французинка!



Сакам накратко да се посветам на ликовите на Габриел, Камил и Минди.

Ако бевте фан на Габриел во првата сезона, втората сезона може да ве предомисли. 

Неговата незаинтересираност и непромисленост за тоа колку ја повредил Камил крајно многу ме иритира. Секако, тој е зафатен со зацврстување на неговото бизнис партнерство со Антоан Лаво и отворањето на неговиот ресторан "Ше Лаво" во Париз, но сигурна сум дека никој не може да биде толку крут и невнимателен?

Разочарувачки, ликот на Камил се сведува на уште една девојка со скршено срце која пати по нејзиниот поранешен дечко. Таа штом ја дознае вистината за Емили и Габриел се претвора во одмаздољубива личност која глуми дека се е во ред и е непроменето, наместо да покаже дека е вистински лојална пријателка и личност сама по себе.



Серијата конечно овозможува ликот на Минди да засјае во оваа втора сезона. Минди се бори да добие работна виза во Париз додека изнаоѓа разни начини да заработи пари само со нејзината патничка виза и без моралната поддршка на нејзиното семејство. Таа успева да го пронајде својот глас и љубов, а нејзината приказна е една од моите омилени во новата сезона.



Како огромно изненадување во оваа сезона е појавувањето на ликот на Мадлин, големата шефица од Чикаго која остана бремена уште во првата сезона и на нејзино место ја испрати Емили да отпатува и биде претставник на Гилберт групацијата во Париз. 

Таа ненајавено доаѓа да го провери прогресот на Савоар под водството на Силви. Ова е ситуација која ја става Емили во средина на една многу непријатна борба за моќ меѓу Мадлин и Силви која го доживува својот пик многу брзо и Емили е принудена да направи избор кој ќе и го промени животот засекогаш.

Што Емили ќе одлучи, останува да откриеме во третата сезона, доколку Нетфликс одобри истата да се снима во текот на идната година.



На многумина оваа сезона не им се допадна многу, но секако, како и секогаш не дозволувам туѓите впечатоци за нешто да ми повлијаат во формирањето на мое мислење, па така тоа важи и за оваа сезона. Мене оваа сезона многу ми се допадна! Како и во првата сезона, така и во оваа се изнагледав суптилен, но многу добар хумор, француски цинизам и целокупен животен стил. 

Па што повеќе треба да очекуваме од една ваква серија која е инспирирана од се она што претставува Париз и францускиот начин на живот?

За крај, мојата оценка за втората сезона е 4/5.

Топло ви ја препорачувам да си ја пуштите викендов на Нетфликс и да си ја изгледате како маратон, како што направив јас денес, придружувана од неколку чаши ладно rosé и macaroons.


Ова е крај на БлогМас 2021 година. Се надевам уживавте во овој последен пост за ден 25 и ќе навратите повторно на мојот блог и портал каде во Новата 2022 година ќе прочитате многу нови објави.



До тогаш...

Поздрав,

Лори

Post a Comment