SOCIAL MEDIA

БлогМас ден 17: Естее Лодер Advanced Night Repair серум

December 17, 2021

Драги мои, добре дојдовте во БлогМас ден 17. Денеска сме тука да зборуваме за добро познатиот серум на Естее Лодер по име Advanced Night Repair.




Овој серум со години е број еден продаван серум во светот и дефинитивно е вистински култен производ за нега на кожата.

Со оглед на тоа што овој производ е права класика, чудно е кога ќе помислам дека никогаш порано не сум го пробала, но да бидам искрена тоа најмногу се должи на фактот што цената на овој серум е безобразно скапа.

Овој серум, спротивно на она што многумина мислат, не е нужно наменет само за луѓе со „позрела“ кожа.

Неговата формула еволуирала поприлично од неговото создавање во 1980-тите па се до денес.
Низ годините овој производ знаел да инспирира многу компании да се јават на skincare пазарот со слични производи, но сепак и покрај сето ова, формулата на овој производ останува единствена после сето ова време и е патентирана до 2033 година.

Решив да го пробам серумот Advanced Night Repair бидејќи мислев дека ќе биде добар сојузник кој ќе се потруди и помогне на мојата дехидрирана кожа да достигне некоја нормала.






Со оглед на цената, сметав дека пакувањето од 30 ml ќе биде добра опција за мене за да можам да ги почувствувам бенефитите од производот. Со редовно нанесување на само 1 до 2 капки секоја вечер на цело лице и врат, со оваа брзина на користење проценив дека серумот ќе ми потрае околу 3 месеци.

Само замислете си како секоја вечер додека спиете, овој серум го потпомага природниот процес на ноќно обновување на кожата. Високото ниво на хијалуронска киселина помага влажноста да се задржи 72 часа и да се создаде совршена средина за оптимизирање на природниот процес на обновување на кожата. Тестирањата покажуваат дека серумот го стимулира природното обновување на кожата на виталните нови клетки и го зајакнува природното производство на колаген.






Што се однесува до текстурата, тој е многу пријатен, лесен и брзо се впива во кожата, без да остави мрсни траги. Се колнам, ова е совршениот производ за мојата дехидрирана комбинирана кожа во моментов!


Како се користи:

  • Нанесете го овој серум на чиста кожа пред вашиот хидратантен крем, наутро и навечер.
  • Капнете една капалка (или 2 во мојот случај).
  • Нежно нанесете го хидрантниот серум по целото лице и врат.

Како се применува срцевиот ритуал на Естее Лодер:

  • Нанесете целосна капка од Advanced Night Repair на вашата дланка. 
  • Масирајте го лицето во форма на срце: со сите прсти од двете раце, почнете од центарот на лицето и масирајте се до ушите.
  • Лизгајте ги рацете од страните на лицето надолу под брадата.
  • Следно, формирајте поголемо срце од средната на челото до слепоочниците.
  • Лизгајте надолу по страните на лицето и повторно затворете го срцето под брадата.
  • Завршете го срцевиот ритуал со нежно масирање на вратот со движење надолу.






Да бидам искрена, не можам сеуште доволно да се изначудам на ефектите од овој серум!

Кожата ми е мека како свила и лицето се чувствува поеластично. После 3 недели користење секоја вечер пред спиење, можам да забележам дека мојата кожа изгледа помалку уморно и истоштено, а повеќе изедначено и хидрирано.

Серумот Advanced Night Repair е одличен производ и навистина уживам во мојата рутина за нега на кожа додека го користам него, но на ваше изненадување ќе кажам дека овој производ е поприлично преценет, иако ги наведов ефектите што ги имав од негово користење.

Сè уште имам проблем да ја разберам таа цена. 

Фактот дека Advanced Night Repair сè уште е најпродаваниот anti-age серум е огромен шок за мене. Има толку многу други подостапни серуми кои ги даваат истите резултати за многу помали пари. 

Навистина сум задоволна што го пробав, но мислам дека нема да го повторам искуството откако ќе завршам со ова шише.






Серумот се продава по цена од 6000 до 7000 денари, во зависност од каде ќе го купите и од големината на шишето која варира од 30 до 75 ml.

По читање на овој БлогМас пост, оставам на вас да одлучите дали вреди да потрошите толку пари на овој производ. Доколку одлучите да го купите или пак веќе сте го пробале, пишете ми ги вашите впечатоци во коментарите подолу.

Како и секогаш, се надевам дека уживавте во оваа БлогМас и ќе наминете и утре повторно да се дружиме.



До тогаш...

Поздрав,

Лори

Post a Comment