SOCIAL MEDIA

БлогМас ден 18: Гарние 15 мин. sheet маски

December 18, 2021

Драги мои, ситно броиме до крајот на овој БлогМас предизвик, па сакам да ви посакам добре дојде во БлогМас ден 18 пост.

Зимата веќе настапи со полна пареа и со нејзе донесе и минусни температури, па така мислам дека и добро знаете што следно ќе ви кажам.

Ова е најдоброто време за да започнете да му посветувате повеќе внимание на вашето лице и да му ја дадете дополнителнтаа љубов која ја заслужува.

Па во духот на негата, денес ќе зборуваме за неверојатните 15 минутни sheet маски од Гарние!






Искрено, ги купувам овие маски веќе долго време и се колнам дека изгледам ко да сум некој опседнат собирач на маски од Гарние 😂

За мене маските не се само форма на нега на кожата, туку и форма на релаксација и физички и психички. Обожавам само да седнам и да го посветам своето време и енергија на грижата за мојата кожа еден час пред да одам да спијам.

Да најдам момент за себе секоја вечер се случува толку ретко денес. Животот кој го живееме денес е толку брз и бурен што повеќето од нас ретко имаат време добро да се грижат за својата кожа. Затоа овие sheet (хартиени) маски се одличен начин да му ја пружите онаа дополнителна љубов на вашето лице и врат (не го заборавајте тој врат!) која погоре ви ја напоменав.






Во изминатата година пробав толку многу маски од различни брендови и открив дека најдобрите од сите се дефинитивно оние од Гарние. Ова се едни од најхидрантните дрогериски маски што некогаш сум ги пробала!

Маските на Гарние доаѓаат во едноставно пакување од алуминиумска фолија. Брендирањето и дизајнот изгледаат многу привлечни за окото, а самата маска е стандардна sheet маска која одговара на повеќето големини и форми на лице.

Маската е поделена на сина и бела страна. Белата страна е таа која треба да ја обложите на лицето, а сината страна е како заштитен слој кој ја сочувува влажноста на самата маска.


Начин на користење:

- Одвиткајте ја маската
- Ставете ја на чиста кожа со белата страна свртена кон лицето
- Отстранете ја сината заштитна фолија
- Наместете ја маската на лицето
- Оставете да отстои 15 минути
- Тргнете ја маската
- Масирајте го вишокот производ или користете памук



Маска со хијалурон и алое вера


Линијата Hyaluronic Aloe од Гарние е новитет што се појави во дрогериите минатата година.

Вклучува гел за чистење (со кој сум опседната!), крем за лице од желе и токму оваа маска со хијалурон и алое вера.






Маската содржи екстракт од алое и хијалуронска киселина, која не само што ја хидрира кожата, туку и ја смирува. 

Многу е пријатна и хидратантна за кожата, но не премногу хидратантна, така што ќе биде погодна за употреба дури и ако имате многу мрсна кожа, а во исто време поради тоа што содржи алое вера погодна е и за луѓе со чувствителна кожа.



Hydra Bomb маска со семки од грозје


Поради неколкуте долги часови на работа и постојан недостаток на сон, мојата кожа полека ја губи својата еластичност и цврстина со текот на времето. 

Честопати откако ќе ја извадам шминката на крајот од работниот ден, се гледам во огледало и гледам дека мојата кожа почнува да изгледа помалку уморно од време на време. Ова е толку трогателно кога ќе си го воочите гледајќи се во огледало, посебно анализирајќи ги фините линии што почнуваат поприлично брзо да се појавуваат на моето чело, околу подочниците и околу устата поради честото насмевнување. Ја пробав оваа маска бидејќи на пакувањето пишуваше дека има anti-aging својства.






Генерално, би рекла дека оваа маска многу добро ја хидрира мојата кожа, но не видов дека и дава некаква цврстина, барем не сум успеала да воочам такво нешто до сега.



Hydra Bomb ноќна маска


Оваа маска е специјално дизајнирана да се користи навечер пред спиење. Збогатена е со хијалуронска киселина, морска вода и пченкарно цвеќе, кои заеднички ја ревитализираат бариерата на кожата.






Маската е многу слична на онаа што содржи хијалурон и алое вера. Многу е пријатна, а кожата е хидрирана и свежа откако ќе завршам со употребата.



Влажност + Водена бомба


Оваа маска е вистинска хидратантна бомба која е совршена за лекување на сува, уморна и безживотна кожа. 

Тајната зад оваа маска е што во самата формула содржи женшен кој е дериват на хијалуронска киселина и екстракт од калинка.






За само 15 минути постигнувате интензивна влажност, а кожата останува ревитализирана и смирена. Фините линии кои настанале поради дехидрација се изедначуваат, а вие добивате свежа и сјајна кожа полна со сјај.


Сите 4 маски содржат огромна количина течност. Затоа, ако ја извадите маската од пакувањето, не заборавајте да го сочувате остатокот од серумот во пакувањето. На овој начин ќе можете да го искористите вишокот серум. Јас пред неколку месеци купив дехидрирани sheet маски од Минисо кои кога ќе се натопенат во течност, ја апсорбираат истата и добивате DIY sheet маска. Па така, вишокот серум од маската која останува во пакувањето ве советувам да ја употребите на тој начин.

Го обожавам овој концепт каде можете да отидете во некоја од дрогериите, да купите една ваква 15 минутна маска која ќе ви заврши многу работа доколку немате многу време за подолга ноќна рутина.

Пакувањето на сите овие маски изгледа многу убаво, па можете да ги подарите некому како сет за Божиќ. 

Често се случува да заборавам да користам маска за лице, така што искрено немам причина да купувам обична маска за лице од 50 ml, бидејќи на крајот може да ја фрлам. 

Со овие маски, можете да купите само една кога ќе почувствувате дека имате потреба да го третирате вашето лице, а уште поголем плус е што се многу евтини, чинат 115 денари, а на акција сум успевала да ги купам и за некои 80-тина денари.

Кажете ми дали воопшто сте ги пробале и дали некој од вас го почувствувал тоа убаво ледено студено чувство при ставање на марамчето на лицето. Топло ви препорачувам да пробате барем една од овие маски и да видите дали ви се допаѓа.

Тоа  е се за овој БлогМас пост драги мои, се надевам уживавте и ќе навратите повторно и утре.



До тогаш...

Поздрав,

Лори

Post a Comment