SOCIAL MEDIA

БлогМас ден 7: Што се случи со "Озборувачката"?

December 7, 2021


Морам да признаам дека негував еден вид внимателен оптимизам кога стануваше збор за овој reboot на "Озборувачка". Одлуката веднаш да се открие идентитетот на Gossip Girl беше интересна, а изборот Озборувачката да биде една одмаздољубива професорка беше според мене ужасна идеја или можеби беше крајно брилијантна? Во никој случај не беше досадна!






Во текот на преостанатите епизоди од иницијалното издание од шест епизоди на првата сезона, сè почна да оди надолу, или барем таков е мојот впечаток. Драги љубители на "Озборувачка", дали сум сама?

2021 година е, а Њујорк се буди од едногодишниот пандемскиот сон, а средношколците конечно се враќаат во училиштето за девојки Констанс Билард и неговата братска академија, Св. Јуда. И уште еднаш, на скалите на Метрополитен Музејот на уметноста, за време на ручек, владее хиерархија.






Ликовите и врските не се толку новозамислени колку што се исечени и повторно залепени, па дури и нештата што се некако различни се повторно на некој начин исти. Да ја земам за пример Џулиен, една од главните ликови, која помалку наликува на Блер, девојка која е свесна за својот статус и е редовно придружувана од своите две мињонки. Таа е инфлуенсерка на Инстаграм која се занимава по малку и со манекенство од висок профил, исто како на времето што правеше ликот на Серена Ван Дер Вудсен во оригиналниот серијал. 

Што се однесува до самата Озборувачка - единствен извор на вистината зад скандалозните животи на њујоршката елита, пресвртот овој пат е што група професори, чувствувајќи се непочитувани и немоќни, го оживуваат стариот блог со тоа што прават профил на Инстаграм како нов инструмент за социјална контрола.

Како што би се очекувало во 2021 година, особено во серијата наменета за младите, новата „Gossip Girl“ е етнички и сексуално разновидна. На некој начин ја исмева цела таа "белина" на серијалот од 2007 година, која е поприлично заслепувачка кога ќе се изгледаат епизодите повторно од денешна перспектива. За тие што не ме сфатија, сакав да напоменам дека во овој reboot главните ликови се толкувани од крајно диверзифициран микс на актери (по боја, изглед, сексуална ориентација, етничка припадност итн.) што дури е и малку се пренагласено за мојот вкус.

По мое скромно мислење, првата „Озборувачка“ беше апсолутен феномен за време на моите средношколски денови кога за првпат излезе, па и сеуште е до ден денес. Секако, денес се потешко се доаѓа до феномени, бидејќи секојдневно сме преоптоварени со секакви содржини и стриминг платформи кои ја поделија публиката на тенки слоеви. 

На времето кога излезе „Озборувачка„ се што ни требаше е да поседуваме еден телевизор, а денес работите се навидум поедноставени, а всушност премногу комплексни. 

Досега, новиот модел на серијалот делува повеќе или помалку сличен на многу серии кои обработуваат таква блиска тематика на стриминг платформите, исполнета со прекрасни, убави луѓе, но со недостиг на хемија која што всушност најмногу треба да ја поседува.

За крај, секако оставам вие да си оформите ваше мислење за новиот reboot на Озборувачката и можете истото да го пишете подолу во коментари и да развиеме една прекрасна дискусија 😊.

Се надевам уживавте и во овој БлогМас ден 7 пост и ќе навратите повторно и утре.




До тогаш...

Поздрав,

Лори

Post a Comment