SOCIAL MEDIA

БлогМас ден 11: Убиство во Ориент Експрес

December 11, 2021


Драги мои, што велите на тоа да продолжиме онаму каде што застанавме вчера?

Ми причинува посебно задоволство денес да ви зборувам за уште едно, да не речам едно од најпознатите дела на брилијантната Агата Кристи, а тоа е "Убиство во Ориент Експрес".

Ќе пробам накратко да ја доловам оваа книга, бидејќи како и обично со Кристи, верувам дека е најдобро да сте целосно заслепени и да немате идеја што ќе се случува. Би сакала сами да истражувате со вашата лупа и на крај да бидете изненадени кога Поаро детално ќе го наслика решението на случајот!




Па, ајде најпрво да ви дадам еден краток вовед.

Романот „Убиство во Ориент Експрес“, објавен во 1934 година, Агата Кристи го посветува на својот втор сопруг, Макс Едгар Лусиен Малован. 

„Убиство во Ориент експрес“ се смета за најпознатото дело на Кристи со повеќе филмувани и ТВ-верзии како што е најпознатиот ТВ серијал "Agatha Christie's Poirot", во кој една поединечна епизода претставува обработка на еден поединечен нејзин роман. 







Јас, за жал или за среќа (не би знаела баш) прво ја изгледав епизодата од серијалот, па потоа ја прочитав книгата. Но, да бидам сосема искрена ќе кажам дека епизодата ја гледав некаде 2011 година, и како вчера се сеќавам дека ХРТ го имаше откупено правото за емитување на целиот серијал и се погодуваше од време на време да наидам на некоја епизода и да ја изгледам.

Поентата би беше дека има поминато точно 10 години од моето гледање на епизодата и скоро на ништо не можев да се сетам додека ја читав книгата, и повторно ми беше како страно нејзиното делото.

Многу е веројатно дека приказната, која е делумно инспирирана и од вистинити настани, ја има создадено додека престојувала на археолошките ископини во местото Арпачија, Ирак.

Во оваа книга планот на Херкул Поаро да престојува неколку дена во Истанбул е нарушен кога добива ненадеен повик итно да се врати во Англија. Со помош на г-дин Бук, негов сонародник и директор на „Меѓународната компанија за вагони за спиење“, Поаро некако успева во последен миг да добие место на возот „Ориент Експрес“ и линијата Истанбул-Кале.

Еден од сопатниците, американскиот магнат Семјуел Едвард Рачет, му се обраќа на славниот детектив за помош со објаснување дека добивал анонимни закани по неговиот живот, но Поаро го одбива.

Следното утро, додека возот стои затрупан од снежна бура на трасата помеѓу Белград и Винковци, Рачет го пронаоѓаат мртов во неговото купе, повеќекратно избоден со нож до смрт.

Поаро решава да го испита ова убиство и притоа открива дека се работи за сложено злосторство чиешто решение исто така бара сложени методи, пред сè, дедукција и употреба на неговите мали сиви клетки.

Уникатноста на убиството, основата и врските со минатите злосторства, мотивите на секој лик и различните индиции, сето тоа кулминира во интелегентно, заговорено и изненадувачко откритие.




Драги мои, доколку сте љубители на "locked room" мистерии (приказна во која злосторството, се случува под збир на навидум невозможни околности, на локација која е „заклучена“ или непристапна од надворешниот свет), интересни и морално сиви ликови, ова е книгата за вас.

Топло ја препорачувам "Убиство во Ориент Експрес", која можете да ја пронајдете и преведена на македонски јазик во сите Литература продавници низ Скопје и во Битола.


Оценката секако останува исто како и за претходната книга 10/10, апсолутно заслужено 😊


Се надевам уживавте во овој БлогМас ден 11 пост и ќе ме дружите и утре!



До тогаш...

Поздрав,

Лори

Post a Comment