SOCIAL MEDIA

The BlogMas Switch ден 16: Топ 10 производи за шминка за 2021 година

December 16, 2021

Здраво дечки,

Не е Лори денес тука, туку јас, Бојана, авторот на блогот www.getonmymirror.com. Со Лори дојдовме на супер идеја да направиме еден BLOGMAS SWITCH и да ја освежиме енергијата на нашите блогови.




Размислував на која тема да пишувам, и некако логично ми дојде со вас да споделам по еден производ од сите чекори кои ги користам за да ја креирам мојата секојдневна шминка, а кој се издвоил како еден од омилените изминатата година.
 

1. Embryolisse lait-crème concentré
 

Речиси секогаш шминкањето го започнувам со нанесување на база за шминка. Оваа година вистинско освежување во мојата рутина ми е кремата на Embryolisse, која е повеќенаменска. Дава удобен сатенски завршеток на кожата, ја измазнува, живнува, пополнува, дава сјај и прекрасно ја подготвува кожата за нанесување на пудра. Дава интензивна хидратација и нега на кожата, но тоа го прави на нежен начин кој не натежнува на кожата. Може да се користи како база за шминка, крема, маска за лице, крем за чистење на лице. Формулата е збогатена со витамини и масни киселини, шеа путер, пчелин восок, алое вера. Јас ја купувам од Зегин, но може да се најде во разни аптеки низ земјата.




 

2. Bell HypoAllergenic Nude & Moist


Течна пудра која ја одбележа изминатата година е без сомневање течната пудра на Bell Cosmetics, која содржи природен бетаин, екстракт од семе од коноп како и останати витамини, минерали и антиоксиданси. Има хидратантна и негувачка хипоалергена формула која нуди средна до висока покривност, природен удобен изглед и чувство на кожата. На прв поглед делува густо, но како започнува да доаѓа во допир со топлината на кожата добива речиси геласта текстура налик на серум. Дополнително нуди и заштита од сина светлина. Ја измазнува кожата и не потенцира текстура.




 

3. Catrice Liquid Camouflage High Coverage Concealer


Овој коректор повторно се врати во листата на моите омилени коректори. Мислам дека во последните години ја имаат сменето формулата и амбалажата, па е направен уште покремаст и покривен. Ми се допаѓа што ја имаат збогатено понудата на нијанси, мојот е во нијанса 005 Honey. Ме освои тоа што може да се нанесува и без течна пудра, преубаво се стопува во кожата и дава солидна покривност и убаво изедначување на тенот. Не се собира во ситните линии на очите, не ја суши кожата и не изгледа „тешко“ во пределот под очите.




 

4. Bell HYPOAllergenic Fresh Mat крем-пудра за лице
 

Оваа камена пудра ме натера повторно да ги засакам пудрите за матирање кои доаѓаат во ваква компактна форма. Многу често знаеле да бидат суви за мојата кожа, но за среќа тоа не е случајот со оваа пудра. Содржи скроб од тапиока (вид на житарка) кој обезбедува долготраен мат ефект. Оптички ја измазнува кожата, ги намалува порите и ги брише фините линии. Заситените пигменти собрани од маслото од јојоба имаат хидратантно дејство и овозможуваат лесна апликација. Кремастата формула совршено се прилагодува на кожата и создава прекрасен природен тен. Погодно за луѓе со чувствителна кожа склона кон иритација и воспаление. Може да се нанесува и со четка и со мокро сунѓерче. Јас ја користам за сетирање на течната пудра и коректорот. Oдлично го матира лицето и ја продолжува трајноста на шминката, без да изгледа тешко и суво на лицето.




 

5. GR POWDER BLUSH


Ова руменило на Golden Rose има одлична цена, супер пигментација и долго трае на кожата. Има многу убава формула, убаво се топи во кожата, дава свежина на тенот. Достапно е во повеќе нијанси, верувам дека сигурно ќе си најдете нијанса која ќе биде совршената за вас.




 

6. Bell HYPOAllergenic бронзена пудра Fresh Bronze Powder
 

Дечки по листава можете да забележите дека голем дел од производите кои се издвојуваат во изминатата година се токму од брендот Bell. Едноставно нивната хипоалергена линија создава производи коишто се како измислени за мојата осетлива кожа, без да причинуваат несакани иритации на моето лице. Таков производ е и овој бронзер. Има одлична пигментација, путераста формула која се топи во кожата. Нијансата дава топлина на кожата, не изгледа портокалово, дава преубава природна боја потемнета кожа. Достапна е во 3 нијанси.




 

7. Essence The Highlighter


Не ми текнува дали и минатата година го вброив меѓу омилените, но дефинитивно и оваа година ми е меѓу најкористените хајлајтери, па вреди да го вклучам во оваа листа. Дава преубав природен сјај на лицето кој е одличен за секојдневно користење. Не истакнува текстура, едноставно е совршен!






8. Avon Lionsmane brow mascara


Оваа маскара/гел за веѓи од Авон овозможува одлична дефиниција на веѓите, ги пополнува дупките и им дава боја. Има и мали влакненца кои придонесуваат веѓите да изгледаат пополни. Четкичката е прецизна. Она што треба да се внимава е да се отстранува вишокот на производ од четкичката затоа што има јак пигмент, па да не се претера одеднаш да се нанесе многу производ.




 

9. Avon Euphoric Featherlight False Lashes Mascara во виолетова нијанса


Оваа маскара на Авон дава убав волумен и расчешлување на трепките. Сепак не ме опседна толку формулата колку што ме освои прекрасната виолетова нијанса која ги истакнува моите кафеави очи. Не изгледа нападно на очите, само убаво ги потенцира. Секогаш гледам да ја имам на залиха, до толку ја сакам.




 

10. GOLDEN ROSE GLOW KISS TINTED LIP BALM


Производи за усни обожавам, секој ден сум со нанесен кармин, балзам, сјај за усни, и покрај тоа што 80% од времето ми се покриени со маска, хаха. Со сигурност овие балзами за усни на Golden Rose беа производ кој беше неизоставен дел од мојата секојдневна шминка. Многу убаво хидрираат, ги омекнуваат и измазнуваат усните, им даваат сјај кој со тек на време се губи, а останува убавото навлажнето чувство на усните. Бојата останува со часови. На тој начин усните добиваат изглед на твоите усни ама во подобро издание, благо истакнати, со здрав изглед.




 

Шминката ми е пасија, пробувам многу и купувам многу. Штом ги одвојувам во оваа листа, ова се производи кои го заслужуваат вашето внимание. Се надевам дека ви се допадна овој блогмас пост и дека ќе продолжиме да се дружиме на мојот инста профил @getonmymirror_blog и на блогот www.getonmymirror.com.
 
Секако посетете го мојот блог да прочитате што вашата омилена Лори има спремено за вас.

 

Ве сака ваша,

Бокица

Post a Comment